СЕДМЕРЕЦ: Специфична ситуација

Еурофарм Пелистер ја чека ждрепката за ЛШ, Вардар чека амин од Виена...

1.Дали „ледена“ ќе биде топла и кој се ќе дојде во Битола?

По една година пауза откако ЕХФ лани го суспендира Вардар поради неподмирени долгови кон своите поранешни играчи, Македонија се враќа во Лигата на шампионите со новиот шампион Еурофарм Пелистер. Битола  18 години чекаше шампионска титула и сега со нетрпение ја чека ждрепката со која ќе бидат одредени групите во Лигата на шампионите. Утре ќе се знае кој се од европските великани во претстојната сезона ќе дојде под Пелистер.

Новиот македонски шампион веќе го „крои“ тимот за новата сезона во ЛШ. Една година пред истекот на договорот, „спогодбено“ од клубот и емотивно од Битола замина досегашниот капитен Мирко Радовиќ.

Како прво големо засилување беше претставен Словенецот Нејц Цехте кој ќе му се придружи на својот сонародник Урбан Лесјак. Од балканската школа ново име во дресот на Еурофарм Пелистер ќе биде српскиот репрезентативец, Урош Борзаш. А, данската колонија во Битола во новата сезона ќе ја зголеми 25-годишниот кружен напаѓач Андреас Јохан Нилсен. Што е релативно успешен „пазар“ за битолчани во првата трансфер фаза.

Сега се чека ждрепката, кој од големите ќе дојде во Битола и каков лик за Лигата на шампионите ќе добие легендарната битолска сала. Со малку повеќе неизвесност дали стариот битолски ракометен храм ќе одговара на  стандарди на ЕХФ за натпревари во најелитно европско натпреварување и кои се алтернативите. Во Битола постои добра волја и шампионско расположение, но се уште е отворено прашањето дали во ЕХФ ќе помине само шминка и гаранција дека „ледената“ за ЛШ ќе биде топла?

2.Видерер за Вардар и за македонските позиции

Малку подруга неизвесност Вардар. Најтрофејниот македонски клуб и два пати европски шампион, како третопласиран во Супер лигата треба да стартува од квалификациите за да обезбеди место во групната фаза од Европската лига. Но, враќањето на Вардар на европската сцена треба да добие официјален амин од Виена. Одлуката зависи од тоа дали Вардар ги исполнил или не ги исполнил обврските. Така од Келн пред микрофонот на 24ракомет најави првиот човек на ЕХФ, Михаел Видерер.

„Ситуацијата со Вардар и со македонскиот ракомет е специфична. Ако Вардар ја надмине ситуацијата и ги подмири ракометарите кои се спорни, ќе го третираме како и сите други…“ – објасни Видерер.

А, ако не ја надмине…тогаш Вардар ќе биде како Металург. Или нешто слично.

Изјавата на Видерер не е на добро и во најмала рака сугерира дека Вардар сѐ уште има долгови од минатото што фрлаат неизвесност на иднината на „црвено-црните“.

Од друга страна, Вардар во меѓувреме, веќе почна да го крои тимот за следната сезона и со најновото засилување „стигна“ дури до Јапонија! Што пак е колку-толку позитивен сигнал дека Вардар сепак, се подготвува да се врати на европска сцена. И некако да ја надмине ситуацијата.

3.Плусови и минуси што ја обележаа сезоната

На крајот, како што „налага традицијата“, ред е да се направи и една ретроспектива на македонската ракометна сцена, со најважните моменти што ја одбележаа по многу нешта, специфичната сезона. Со позитивните работи од една, а негативните од друга страна.

На позитивната страна е тоа што Македонија во рок до три месеци беше домаќин на две големи натпреварувања во женска конкуренција – на  Светското првенство за кадетки и на Европското сениорско првенство во ко-организација со Словенија и со Црна Гора. Прв пат по 14 години Македонија беше домаќин на европско сениорско првенство. И прв пат по 10 години од последниот настап на EP 2012 во Србија, македонската женска репрезентација, повторно заигра на едно големо натпреварување. Додуша како домаќин со подарен пласман, ама сепак, доби шанса да се појави на големата сцена.

Негативно е што шансата на овие две првенства не беше искористена на најдобар начин за да се направи некој позначаен исчекор во македонскиот женски ракомет на подолг рок.  Во долгорочниот проект картата беше фрлена на овие две „домашни“ првенства, но „асот“ некако како да се заплетка во ракавот.

Селекторот не го истера проектот до крај како што беше планирано, но штетата веќе беше сторена. Извештаите со поминат рок и одговорноста ничија, исто така одат во минусите.

Кај женскиот клупски ракомет, позитивен е новиот блесок на РК Ѓорче Петров кој на наследените титули од стариот Кометал ЃП, во последните две сезони додаде уште две шампионски и што после подолго време една македонска женска екипа успеа да „презими“ во Европа.

Негативно е што и понатаму упорно се турка една единствена лига со сите во неа која како таква е аматерска, ама по ранг, сепак, највисока. Носи бодови за ваучер, но не и услови за посериозен напредок што би привлекло и посериозни вложувања.

Негативно без дилема, е и згаснувањето на шампионите. ЖРК Металург поради беспарицата не ја доигра сезоната и најверојатно го чека истата судбина како и машкиот тим од Автокоманда.

На негативната страна оди европската суспензија на Вардар што значеше и прва сезона без ниеден македонски претставник во Лигата на шампионите, прв пат во две децении.

Интересниот и неизвесен плеј-оф остави позитивен белег на сезоната и покрај негативниот есенски ефект од гломазната Супер лига со 16 екипи поделени во две групи и разводнет квалитет.

Редок и од спортски аспект позитивен беше фер-плеј потегот на РК Пролет во онаа необична ситуација кога клубот побара да им се избрише голот за реми и да му се признае победа на РК Бутел во меѓусебниот дуел. Но, без преседан беше одлуката на надлежната комисија во РФМ, да се смени резултат на завршен меч и за тоа да биде „виновен“ само семафорот!

Колку што е позитивен брзиот блесок на РК Алкалоид кој од прволигашки дебитант за две години стана вицешампион и изгради широка база во Автокоманда, толку е негативно и за клубот во целина и за македонскиот ракомет, тренер да дигне рака на играч и тоа на дете и да не му пружи помош, „тостер“ методот и  најмногу обидот заради угледот да се заташка и да се релативизира инцидентот.

Впрочем, заташкувањето на сериозни случаи како тренерска бруталност или фатена „бела прашкаста“ во раководна структура, задоцнета реакција, молк нетранспарентност и селективен односот кон јавноста, негативно е за секоја национална федерација. За најуспешната е едноставно, недозволиво!

Во сезонава што измина имавме уште еден негативен мундијалски настап на машката сениорска репрезентација со најнизок пласман од сите 13 досега и позитивен квалификациски циклус за ново ЕП и зачуван континуитет. Превирања и намерно одложен извештај за да се пребијат минусот и плусот. На крај сѐ навидум, подмирено до следната акција.

Во сезоната во која некако се на одложено се разгледуваше и се решаваше, на одложено за наесен остана и годишното Собрание на РФМ, најверојатно за подобро да се сумираат впечатоците од сезоната и да „легнат“ предлозите за новиот систем на натпреварување за догодина.

Во претстојниот период во летна акција ќе бидат кадетите за настапот на СП, младинките и кадетките на ЕП, Битола ќе ја решава енигмата со салата и со нормите од ЕХФ за следната шампионска сезона, а Вардар ситуацијата.

А, во меѓувреме веќе почна сезоната на ракометните свадби и потписи, првиот знак дека веќе може слободно да се прогласни летниот ракометен распуст.