Пред почетокот на новата сезона во Прилеп годинава ќе се одржи осмото издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“.
Покрај домашната екипа, учесници од Македонија ќе бидат и екипите на Еурофарм Пелистер 2, Голден Арт, Скопје, Пролет, Мулти Есенс и Струга.
Турнирот ќе добие на квалитет со учеството на две екипи од странство. Станува збор за Дубочица од Србија, екипа која е меѓу редовните гости на меморијалниот турнир, и некогашниот учесник во Лигата на шампионите Кокс од Финска.
Со осум екипи, годинешното издание на меморијалниот турнир посветен на прилепската легенда ќе биде најквалитетното и најсилното досега.
Од клубот информираа дека осмото издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ ќе се игра во периодот од 25 до 28 август.
Во првите три дена ќе бидат одиграни натпреварите по групи, додека на последниот ден ќе се игра за пласман.
Екипата на Дубочица од Србија беше победник на ланското издание, додека второпласиран беше домаќинот Прилеп.