Некогашното десно крило на македонската репрезентација, Владимир Темелков, и во следната сезона ќе биде активен ракометар во тимот на Керженг од Луксембург.
Темелков има 43 години, и од септември ќе ја започне својата 13 сезона во овој клуб со кој освои многу трофеи и стана легенда. Оваа сезона го освоија второто место со Керженг и обезбедија излез на европска сцена.
Десното крило потекнува од Велес, беше дел од Пелистер, а изгради одлична кариера во германските Фулинген, Вилштат, Балинген и Остриген, пред во 2011 да се пресели во Луксембург.
За Македонија досега одигра 78 натпревари и успеа да постигне 243 погодоци, иако ова треба да се земе со резерва, бидејќи е неофицијална статистика.
Беше дел од најголемиот успех на машката репрезентација на ЕП 2012 година во Србија, играше и на СП 2009 и СП 2013, додека иако ги одигра сите квалификациски дуели за ЕП 2014, неговата репрезентативна кариера заврши тогаш бидејќи не доби повик за континенталниот собир.