Романскиот шампион Динамо Букурешт се договори за трансфер на десниот бек на Барселона, Александар Цениќ, кој потпиша договор на една сезона. Српскиот вундеркинд добиваше мала минутажа покрај Мем и Ричардсон, почесто беше дел од вториот тим на каталонскиот гигант, па си побара нова средина.
Тоа значи дека еден од триото десни бекови кои сезонава беа дел од Динамо, Едуардо Гурбиндо, Хавиер Хумет и Станислав Кашпарек, ќе го напушти Букурешт.
Според „ГСП“, иако сите тројца имаат договори со Динамо, еден сигурно заминува, а романскиот медиум најавува дека тоа ќе биде Гурбиндо, кој се поврзува со трансфер во македонскиот Алкалоид.
Во тимот предводен од селекторот Кире Лазаров на десната бековска позиција играат Мартин Серафимов, Давид Савревски и Михаил Иваноски, а доаѓа и Мартин Велковски. Иваноски е повреден и ќе паузира одреден период, но доколку дојде и Гурбиндо, веројатно некој од триото десни бекови ќе игра во Мулти Есенс.
Гурбиндо исто така целата сезона имаше проблеми со грбот, немаше континуитет на настапи во Динамо Букурешт, но би можел одново да соработува со Кире Лазаров, со кој беа заедно во францускиот Нант.