Голден Арт со овации и „фрлање во воздух“ се разделија со четворица играчи

Со ревијален настап на ракометарите од сите категории, сениори, младинци, кадети и пионери еден од најмладите машки ракометни тимови во Македонија, Голден Арт ја заокружи најуспешната сезона во клупската историја. Тим кој стана синоним за квалитетна работа со младите категроии е препознатлив како спортска околина што вложува сериозно во младите играчи.

Скопскиот тим е единствен машки спортски колектив што имаше свои екипи на Ф4 турнирите во сите младински категории, од пионерите кои беа вицешампиони, кадетите кои беа четвртопласирани и до младинците кои станаа македонски младински прваци. Сениорскиот тим играше во плејаутот, но без проблеми го задржа суперлигашниот статус со амбици во иднина да игра во плејофот.

Голден Арт им се заблагодари на играчите кои оставија свој белег во развојот на клубот, почнувајќи од најдобриот стрелец Ивица Илиев, играчот со најмногу настапи Симон Гучески и двајцата битолски ракометари Пеце Рајатоски и Андрија Мандиќ. Сите добија пригодни подароци и се разбира овации од публиката, а нивните соиграчи „ги фрлаа во воздух“ покажувајќи ја нивната благодарност што беа дел од тимот.

За новата сезона се најавени планови што треба да му донесат на тимот уште подобра квалитет во продолжување на успешната спортска приказна.