Амбициозниот тим на Охрид наскоро би можел да го добие четвртото засилување за следната сезона. По двајцата голмани и бекот Сафранко, охриѓани се многу блиску до договор со грузискиот лев бек Теимураз Орјоникидзе, дознава 24Ракомет.
Охриѓани ќе прават реконструкција на екипата, па покрај неколку искусни ракометари и дел од младите ќе бидат прекомандувани во првиот тим. Ако се реализира трансферот во Охрид, тоа за Орјоникидзе би било камбек во македонскиот шампионат, каде што своевремено настапуваше за составите на Прилеп и Еурофарм Пелистер.
Oткако во 2018 година си замина од Македонија, 27-годишниот лев бек беше дел од унгарските тимови Ференцварош и Орошази, а една сезона играше и за романската Решица, од каде замина во 2021 година.
Минатите две години ги мина во финскиот Кокс, со кој беше дел и од европските купови. Со селекцијата на Грузија обезбеди место на Европското првенство 2024 година во Германија.
Охриѓани сезонава ја завршија на шестата позиција во суперлигашкиот плеј-оф.