Радовиќ: Битолчани деноноќно живеат за ракометот

Ракометарите на Еурофарм Пелистер со победа ја затворија шампионската сезона во Суперлигата, откако битолчани на домашен терен го совладаа Тиквеш со 35-26.

Шампионскиот пехар во Битола беше подигнат од страна на капитенот на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ.

Црногорскиот репрезентативец ги сподели своите први импресии по освоеното прво место во најквалитетното натпреварување во Македонија.

,,Голема е честа за освоената шампионска титула, особено на мене како капитен од странство, но јас во Македонија се чувствувам како да сум дома, навистина, голема е честа, исто така е и голема одговорност да се биде капитен, а чувството е неверојатно. Овој град живее за ракометот…Оваа сезона за мене беше една од најтешките во својата кариера, имаше подеми и падови, но момците покажаа голем карактер и победнички дих, не се предадовме и на крај заслужено ја освоивме титулата. Овде луѓето деноноќно живеат за овој спорт”, изјави Радовиќ.

Пелистерци во оваа сезона го одбранија трофејот во Супер купот, додека во Купот на Македонија беа поразени во финалето од Вардар.

Битолчани во новата сезона ќе играат во Лигата на шампионите и на своите фанови ќе им овозможат да гледаат екипи од европскиот крем.

БИТОЛЧАНИ ОД БАЛКОНИ ГИ ПОЗДРАВИЈА НОВИТЕ ШАМПИОНИ (ФОТОГАЛЕРИЈА)