Танкоски: Ова е моја најдобра сезона, се чувствувам горд!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер со победа ја затворија шампионската сезона во Суперлигата, откако битолчани на домашен терен го совладаа Тиквеш со 35-26.

По завршувањето на натпреварот беше доделена шампионската титула на битолчани, кои со освојувањето на првото место изборија настап во Лигата на шампионите за новата сезона.

Еден од најзаслужните за освоената титула на Еурофарм Пелистер беше средниот бек Марио Танкоски.

Повремениот репрезентативец на Македонија истакна дека ја одиграл најдобрата сезона во својата кариера, а за следната сезона се надева дека неговиот тим ќе биде поуспешен.

,,Мене оваа освоена титула ми е прва во својата кариера. Специјален е моментот и за екипата и за нас како индивидуи, не е мала работа да бидеш шампион на Македонија, сите знаеме колку е квалитетна нашата лига и колку придобивки имаме со настапот во Европа. Направивме одлична работа, имавме многу тешка сезона и на крај трудот се исплати. Во текот на сезоната имаше подеми и падови, нашата цел не ја остваривме во Лига на Европа и мислам дека тоа се случи поради тоа што бевме нова екипа, дојдоа неколку играчи во текот на сезоната и сето тоа зеде данок со испаѓање, но сега тоа ни се врати дупло со освојување на титула. Ова е моја најдобра сезона на индивидуален план, ги одиграв сите дуели, на ниту еден не бев аут, играв и повреден и кога не можев, го дадов максимумот, се чувствувам горд поради тоа и се надевам дека следната сезона ќе биде уште поуспешна”, изјави Танкоски.

Пелистерци во оваа сезона го одбранија трофејот во Супер купот, додека во Купот на Македонија беа поразени во финалето од Вардар.

БИТОЛЧАНИ ОД БАЛКОНИ ГИ ПОЗДРАВИЈА НОВИТЕ ШАМПИОНИ (ФОТОГАЛЕРИЈА)