Екипата на Вардар Неготино со триумфот над Куманово од 35:30 во последното коло од плеј-аут фазата се избори за бараж дуел со третопласираниот од прволигашкиот плеј-оф, тимот на Драчево, и ќе има можност да го задржи суперлигашкиот статус.
Неготинци денешната и најважна задача ја завршија уште во првото полувреме, во кое целосно го надиграа гостинскиот состав од Куманово.
Како одминуваше првото полувреме растеше предноста на домаќините, кои во првите 30 минути беа предводени од искусниот Адамовиќ. Вардар Неготино имаше комотна предност во првиот дел, често ги користеше грешките на ривалот и на пауза замина со плус четири, 14:10.
Второто полувреме беше само рутина за домашната екипа, која во одредени моменти имаше пад во играта, но не дозволи Куманово да има било какви шанси за камбек.
Најефикасен во редовите на Вардар неготино беше Лазар Адамовиќ со 11 погодоци. Кај Куманово се истакнаа Вучко Мрвовиќ со 11 и Зоран Ѓурковиќ со осум реализации.
Бараж дуелот меѓу Вардар Неготино и Драчево ќе се игра на неутрален терен наредниот викенд. Ракометната федерација на Македонија (РФМ) треба дополнително да одреди во кој град ќе играат двете екипи.
Како што е веќе познато, нови суперлигаши се екипите на Мулти Есенс и Аеродром, додека во Првата лига се селат Јуниор КВ и Радовиш.