Ракометарите на Бутел со победата над Охрид од 24:17 го освоија петтото место во натпреварувачката сезона 2022/23. Бутел на денешниот последен дуел покажа далеку подобра игра за разлика од мечот во Охрид.
Иако екипата на Охрид беше поконкретна во воведниот дел, на трипати имаше водство од ,,плус два (3:1, 4:2, 5:3), ракометарите на Грчевски не дозволија ривалот да се одлепи на поголема разлика и при крајот на првиот дел од првото полувреме го презедоа водството во свои раце. По водството на Охрид од 7:6, следуваше одлична серија од 4:0 на домашиот тим, кој дојде до три позитива, 10:7.
Екипата на Охрид речиси осум минути беше без постигнат гол. Серијата на Бутел беше прекината од страна на Шешиќ, но до крајот на првото полувреме домашниот тим имаше контрола на резултатот. Разигран беше десниот бек на Бутел, Филип Николов, одбраната не дозволуваше голем простор за гостите, па така домашната екипа на пауза замина со активен резултат од 12:9.
Продолжението започна со два гола во низа Бутел и неговото водство по неколку минути игра во вториот дел се зголеми на пет гола разлика, 14:9. Ракометарите на Андоновски возвратија со иста мера, намалија на 14:11 и поради недоволната фокусираност не можеа да дојдат до камбек. Во 45-та минута предноста на Бутел беше 17:12, а по пет минути подоцна, односно во 50 минута, домаќините имаа 19:12.
До крајот немаше поголема промена на резултатот, гостите во последните десет минути немаа многу шанси за да ја преполоват негативата и да се изборат за поблаг пораз.
Најефикасни во победничкатаекипа беа Мирко Мајиќ и Кристијан Давитковски со по шест погодоци. Кај Охрид прво име беше Деан Шешиќ со пет реализации.
Бутел се прости од петмина ракометари и од тренерот Грчевски (ФОТО)