Еден од интернационалците во Еурофарм Пелистер, Каспер Кисум, иако пристигна на почетокот на вториот дел од тековната сезона, веднаш стана главна алка во битолскиот тим.
Данецот во новиот шампион на Македонија дојде од од составот на Сондерјиске. Во својата кариера има играно во екипи како Фленсбург, Хановер и Штутгарт, екипи со многу повеќе буџет од Еурофарм Пелистер, но само во Битола ја има почуствувано најголемата навивачка еуфорија.
Кисум во разговор за данската телевизија „Спорт ТВ2“ зборуваше за освоената титула со Еурофарм Пелистер, како и за неверојатната страст на битолските навивачи, кои на своите миленици им приредија голем пречек по враќањето од Охрид.
,,Се започна пет-шест километри пред да стигнеме во близина на градот, каде не запреа 20 автомобили со навивачи кои стоеја со бакљи и го блокираа патот. Потоа во колона пред нас возеа 50-60 автомобили, кои возеа со отворени прозори држејќи бакљи во рацете и свиреа на свирките. Полицијата возеше по страна, но сообраќајните правила не беа запазени, морам да признаам. Кога пристигнавме во центарот, буквално сите луѓе од тој град излегоа на улица и удираа во автобусот, поради големата радост која им ја приредивме. Јас и Себастијан Хенеберг зборувавме дека ова може да се спореди со играњето фудбал во Италија во малку помала верзија. Македонските љубители на ракометот внесуваат сосема различни емоции, него симпатизерите во Данска и на други места каде што сум играл. Овде навивачите и луѓето од клубот со плачење ја славеа титулата, со многу емоции. Кога победивме со Охрид, кога дознавме дека сме шампиони, мислев дека сме направиле многу, но дури кога стигнавме дома во градот, почувствував колку всушност е важно првенството, односно колку многу го израдувавме овој народ”, изјави Кисум.
30-годишниот ракометар може да игра како лев и среден бек. Раководството на Еурофарм Пелистер го донесе како замена за повредениот Руди Сери.