Младите пелистерци сервираа одмазда – му нанесоа дебакл на Вардар и обезбедија Ф4

Еурофарм Пелистер обезбеди пласман на Ф4 турнирот во кадетска конкуренција по убедливата победа во четвртфиналето над Вардар од 34:24, со што му се одмаздија на ,,црвено-црните” за вчерашниот пораз на сениорскиот тим, кој загуби во финалето од Купот на Македонија.

На Ф4 турнирот кај кадетите ќе игра и екипата на Голден Арт, која во четвртфиналето триумфираше против Куманово со два гола разлика, 30:28. Пласман на завршницата во кадетска конкуренција обезбедија и екипите на Мулти Есенс и Струга.

Тимот од Автокоманда предводен од Марин Крстевски го доби четвртфиналето против Охрид, славеше со 28:23, додека Струга пласманот на Ф4 турнирот го обезбеди со победата против Бисинов од 31:28.

Во ланската сезона титулата кај кадетите ја освои екипата на Бутел, која во финалето во Охрид славеше против Алкалоид со 22:20.

Ф4 турнирот е предвиден да се игра на 20/21 мај, а домаќинот и саатниците треба да бидат наскоро познати.