Ракометарите на Голден Арт 2 го совладаа тимот на Шампион, вторпат во плеј-оф конкуренцијата во Првата лига. Дебитантот забележа триумф со пет гола разлика, 29:24 (15:14).
На дуелот, кој беше одигран во салата при ОУ „Круме Кепески“ во Кисела Вода, имаше вкупно 18 исклучувања и два црвени картони.
Тренрот на Шампион, Слободан Чивлачки, на крајот од првото полувреме поради вербална расправија со тренерот на Голден Арт 2, Филип Глигоров, заработи црвен картон, додека предводникот на ,,домаќинот” доби две минути.
По изедначено прво полувреме, кое што заврши со минимална предност за Голден Арт 2 од 15 :14, во вториот дел тимот на Глигоров одигра на повисоко ниво и успеа да го скрши отпорот на незгодниот Шампион.
Пред крајот на дуелот, односно во 57-та минута, црвен картон поради три исклучувања заработи членот на Шампион, Бобан Дебрешлиоски.
Најефикасен во победничката екипа беше Кристијан Стаменковиќ со осум погодоци. Кај поразениот табор отскокна Живко Петровски, запиша седум реализации.