Поранешниот селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија, Ивица Обрван, е еден од кандидатите за нов тренер на некогашниот европски шампион Подравка, пренесува хрватскиот портал „Спортске Новости“.
Моментално клубот од Копривница го предводи младиот тренер Антонио Прањиќ, кој во текот на месец март оваа година ја презеде тренерската палка од Жељко Бабиќ.
За потсетување, екс тренерот на Еурофарм Пелистер доби отказ, откако Подравка во домашниот шампионат загуби од просечната екипа на Дуго Село и не оствари добар резултат во Европа.
Доколку Обрван биде новиот тренер на Подравка во следната натпреварувачка сезона, тогаш тој ќе го има првиот предизвик во женскиот ракомет. Екс селекторот на Македонија во периодот од февруари, 2021, па до март, 2022, ја предводеше БиХ.
Иако имаше договор на четири години со ракометниот сојуз на БиХ, сепак, поради неисполнетите обврски од страна на ракометната босанска куќа, тој одлучи да си замине од селекторската функција. Во истата година, 2022, се раздели со хрватскиот шампион Загреб, па така остана без никаков ангажман.
Во својата тренерска кариера ги предводеше и Шамбери, Медвешчак, Горење Велење и Метковиќ. Освен Обрван, има уште неколку кандидати во трката за нов тренер на Подравка, а во следниот период управата на клубот би требало да излезе со евентуалните новости.