Robin SCHOENACKER and Mateo MARAŠ, Croatia vs Netherlands, EHF Euro 2024 qualification match, Dvorana Gradski Vrt, Osijek, Croatia, 12.03.2023, Mandatory Credit © Jozo Cabraja / kolektiff

Хрватите се намачија кај јужниот сосед, Португалците не дозволија изненадување во Турција

Хрватска на гостувањето кај нашиот јужен сосед потешко од очекуваното славеше со 31:26 (10:10) во претпоследниот натпревар од квалификациите за ЕП 2024.

Предводник во победата на Хрватска беше екс играчот на Вардар и Металург, Лука Циндриќ. Искусниот член на Барселона постигна девет погодоци, пет додадоа Марио Шоштариќ и Јосип Шарац, по три реализации имаа Марин Шипиќ и екс ракометарот на Еурофарм Пелистер, Матео Мараш. Кај Грција се истакна левиот бек Савас со шест постигнати погодоци.

Хрватска со денешната победа за момент се позиционира на првата позиција во петтата квалификациска група, во која учесници сѐ и репрезентациите на Холандија и Белгија. Токму двете репрезентации вечерва со почеток од 20:10 часот ќе го одиграат вториот меѓусебен дуел.

Грција моментално има шест бодови, но доколку Холандија ја потврди фаворитската улога против Белгија, тогаш ќе се изедначи со Хрватска. Во последното коло од квалификациите, селекцијата на Хрватска ќе игра против Белгија, додека Грција за ривал ја има Холандија.

Токму резултатите од последното коло ќе одлучат за првите две, односно три места на табелата. Без разлика која репрезентација ќе заврши на 3. позиција, практично ќе обезбеди настап на Европското првенство во Германија.

Во групата во која се наоѓа Македонија, свој дуел имаа Турција и Португалија. Натпреварот, кој беше одигран во Анкара, заврши со победа на избраниците на Пауло Периера со два гола разлика, 37:35 (19:14).

Иако Португалија имаше на полувреме предност од 19:14, сепак, домашната селекција во вториот дел резултатски се доближи и го направи натпреварот понеизвесен, но немаше сили за целосен камбек.

Кај Турција членот на Охрид, Ерај Каракоч имаше еден гол, а екс членот на охриѓани Халил Озтурк беше меѓу најефикасните, постигна пет погодоци од седум обиди. Листата на стрелци кај победничката репрезентација беше предводена од Мигел Мартизен Сораез со седум погодоци.

На табелата сега Португалија е прва со десет бодови и нема шанси да биде престигната од никој, следува Македонија со четири бодови, но има и натпревар помалку. Ист број на бодови со Македонија има селекцијата на Турција, а на последното место е Луксембург без ниту еден освоен бод.