Ѓорѓиевска: Не се предаваме, ќе се бориме за место на СП

Женската репрезентација на Македонија го загуби првиот натпревар во бараж двомечот против Украина, беше минимално поразена со 24:22 во СЦ „Борис Трајковски“.

Денес во унгарскиот град Кишварда ќе се одигра реванш дуелот, на кој избраничките на Љубомир Свевски ќе треба да остварат поволен резултат, односно победа со над два гола разлика.

Искусната Елена Ѓорѓиевска смета дека ништо не е загубено и посочи дека репрезентацијата на Украина нема голем квалитет.

„Ако одиграме како во второто полувреме се надевам дека ќе поминеме. Ќе биде многу тешко, сепак имаме минус и за жал не ја искористивме предноста на домашниот терен за да направиме разлика, но не се предаваме. Можеби еуфоријата и преголемата желба на првиот меч придонесоа да направиме многу грешки во првото полувреме. Шансите за двете репрезентации се подеднакви, Украинките не се класа над нас. Во Унгарија одиме да одиграме добро како во вториот дел и да не изгубиме како во првото полувреме. Ќе се бориме и ќе го дадеме максимумот за да се пласираме на СП“, изјави Ѓорѓиевска.

Натпреварот меѓу Украина и Македонија ќе се одигра со почеток од 17:00 часот.