Мулти Есенс останува непобедлив, минимално славеше над Металург РА

Екипата на Мулти Есенс ја запиша својата десетта плеј-оф победа, втора во разигрувањето за Суперлигата, и го подобри својот скор на табелата.

Новиот дебитант во прволигашката конкуренција го доби дерби дуелот против тимот на Металург РА, триумфираше со 29:28.

Ракометарите на Мулти Есенс одиграа одлично во првото полувреме, во кое имаа целосна контрола на резултатот и на пауза заминаа со предност од 18:14.

Избраниците на Ангеловски имаа пад во играта во вториот дел и потешко од очекуваното доаѓаа до погодок. Откако Мулти Есенс поведе со 19:16, следуваа два гола во низа на Металург РА, кој дојде до минус еден гол негатива, 19:18.

Мулти Есенс до 45 минута одржуваше предност од еден до два гола разлика и откако имаше 22:20, Металург РА конечно успеа да дојде до израмнување на резултатот, 22:22.

До речиси 57 минута се играше гол за гол, а тимот на Мулти Есенс во клучните моменти беше повеќе пофокусиран и не дозволи поделба на бодовите.

Најефикасен во победничката екипа беше Димитар Узунчев со шест погодоци. Кај Металург РА одлична партија имаше Филип Георгиевски со девет реализации.