Светската ракометна федерација го продолжува тестирањето на новата топка без лепак, па по минатото лето кога СП за младинки и кадетки се играа со неа, така ќе биде и ова лето кај кадетите и младинците.
ИХФ испрати допис до Ракометната федерација на Македонија дека таквата топка ќе се користи на натпреварите во Хрватска од 2 до 13 август.
Кадетите на Македонија ќе играат во европска група во Ријека со Норвешка, Црна Гора и Грузија, која последна обезбеди место на СП.
Иако минатата година имаше различни реакции за новата топка без лепак, повеќе негативни, сепак ИХФ реши одново да ја користи. Засега не е познато дали ќе се игра со неа и на СП за младинци во Германија и Грција.