Европската ракометна федерација објави нови детали во врска со организацијата на Европското првенство за жени во 2024 година.
Иако се појавија информации дека Унгарија ќе се откаже од организацијата, сепак само градот Будимпешта нема да домаќин на најдобрите европски селекции што требаше да играат на завршниот викенд.
Според новата структура, по две прелиминарни групи ќе се играат во Базел (Швајцарија – Ц/Д), потоа во Инсбрук (Австрија – Е/Ф) и во Дебрецин (Унгарија – А/Б).
Главната рунда ќе се игра во Дебрецин и во Виена. Во Дебрецин ќе останат прво и второпласираните од две групи што ќе се играат таму, а ќе дојдат најдобрите две селекции од групата Ц од Базел. Во Виена ќе играат прво и второпласираните од двете групи од Инсбурк, како и двете најдобри од групата Д од Базел.
Главниот град на Австрија ја презема организацијата од Будимпешта на финалниот викенд.
ЕП 2024 ќе се игра од 28 ноември до 15 декември. Ждрепката за квалификациите ќе се одржи во Цирих на 20 април, а тогаш и Македонија од вториот шешир ќе ги дознае своите ривали.
Покрај трите домаќини – Австрија, Унгарија и Швајцарија, на ЕП директно се пласирани и Норвежанките како европски шампиони од ЕП 2022.