Националниот дрес од светост до „чиста синтетитка“
1.Нов собир, нови дилеми
Машката репрезентација се собра прв пат по настапот на Светското првенство во јануари, на подготовки за претстојниот мартовски двомеч со Португалија во квалификациите за ЕП 2024. Најуспешната македонска репрезентација продолжува таму каде што застана во Полска, повлекувајќи и дел од мундијалските проблеми. Или последици, како и да е.
Прешкртувања, откажувања, списоци и проекти, смени по телефон, подобни и неподобни, привилегирани и запоставени, тивки и гласни, замолкнати и „дисциплинирани“, стручен штаб дојди-замини, префрлање на одговорноста од мене на тебе, премолчени неуспеси, грешките заташкани, извештајот уште се пишуава, еден куп проблеми под тепих, незадовлство на виделина, јавноста дистанцирана, пријатели и непријатели, внатрешни и надворешни, притисок и тензија општоприсутна… Успехот стана мислена именка, крив си ако побараш. Не разбираш. Честа стана товар, задоволството – мака. Националниот дрес од светост стана „чиста синтетитка“, стега и чеша. Кој може се спасува, кој не може, облекува и ведне глава.
Ало, што направивте од македонската репрезентација?!
И машката и женската. Онаа најуспешната, во спортот што е најмасовен и се уште број еден во Македонија. Онаа со која се идентификуваше нацијата и ги полнеше салите. Онаа што беше чест и гордост. Онаа што се бореше и што победуваше и фаворити на „двеста отсто“!
Зошто во последниве години работите одат од лошо на полошо?
2.Трпение или натурализација, за што сме?
Не е патетика, ни празна носталгија по нешто што било, а сега го нема. Да бидеме начисто.
Не е ни конформизам и отпор кон секоја промена. Ни недоверба во убава приказна за која треба време за да се филмува. Уште помалку опструкција.
Не е ни затворање очи пред реалноста и занемарување на фактот – смена на генерација. Добро, новите не се како што биле претходните, не може ни да бидат „клонирани“ сите исти. Го нема Жути, Столе и по милионити пат од лани досега потсетуваме дека Кире Лазаров не игра веќе!
Ама, спорт е, мора да има смена и промена! Се бориш со тоа што го имаше. Исланд не „потона“ кога Олафур Стефансон престана да игра, вајлда не треба да „потоне“ ни сега Македонија, ако е само до тоа!
Дали е само до трпението што се бара и до менаталитетот што тешко го дава тоа што се бара? Или е до идентитетот што ете, сме го немале, па сега го имаме во некое ново скандинавско пакување?
Трпение или натурализација, за што сме? Баклава или тулумба?
Дали е само медиумски блеф, опипување на пулсот на јавноста или некоја најава од селекторот? Некој вели „шема“ за засилување на клубот-репрезентација со македонски репрезентативци со „вештачки пасоши“?! Дали селекторот Кире Лазаров го сменил ставот што го имаше капитенот Кире Лазаров за натурализацијата во македонската репрезентација?
Или, и тоа е дел од новиот идентитет?
Се отворија многу прашања токму пред првиот квалификациски собир по неславниот јануарски мундијалски настап на репрезентацијата.
Извештајот за настапот на СП се уште го нема, ни седница на УО на РФМ на која навремено ќе се евалуира настапот, ќе се воочат грешките, погрешните и правилните потези, загубите и придобивките и ќе се даде насока што и како понатаму. Ништо од тоа! Како по обичај куќата на ракометот чека да се „олади“ темата.
3.Репрезентацијата на промаја
А, додека со месеци се лади темата за настапот на СП, веќе дојде нов собир со стари и нови проблеми. И еден куп откажувања со разно-разни оправдувања и дополнителни пополнувања.
Да е еден-двајца, ајде донекаде е нормална појава пред финиш на сезона. Тројца-четворица веќе е проблем, ама се случува и тоа. Пет-шест откажувања веќе е симптоматична појава. Уште повеќе кога дел биле уште од Крков/Плоцк во најава! И со недели кружат во ракометните кругови.
Уште од поширокиот список за мартовскиот собир отпаднаа две искусни крила на Вардар, Гоце Георгиевски и Дејан Манасков. Џомба има 36 години и најави репрезентативна пензија. Манасков со 31-на уште не е за пензија, но не е ни во комбинација за оваа акција.
„За оваа репрезентација, за национална селекција, треба да сакаш да играш. За никого не е затворена вратата, одлуката не е конечна“ – истакна селекторот.
Потоа „од списокот“ пред Португалија со разни причини, излегоа уште неколку репрезентативци.
За „отказот“ на Филип Талески од поодамна „се шушкаше“ дека бил најавен и ковертиран, иако тој беше ставен на список. Бекот на Вардар му откажал на селекторот поради „приватни причини“.
Настапот го откажаа и тројца „пелистерци“ – на повреди се пожалиле Жарко Пешевски, Марио Танковски и Павле Атанасијевиќ.
Во меѓувреме многу дојди-замини има и во стручниот штаб на репрезентацијата.
Од оној широк стручен штаб, со неколку поранешни репрезентативци во тренерска улога, кој излезе утопија, прво се повлече Филип Миркуловски. Меѓу дефинирани професионални клупски обвски во Германија од една и недодефиниран репрезентативен статус во Македонија од друга страна, Жути, разбирливо, ја одбра постабилната опција.
Потоа од клупата на А селекцијата го снема Бранче Ангеловски, наводно, за целосно да се посвети на младинскиот погон во спроведување на репрезентативната стратегија.
Последно, репрезентативната клупа ја напушти и специјалистот за одбрана, Ацо Јоноски. Одбраната, додуша, многу и не се прослави на последното СП, а Јоноски уште пред да заврши настапот, поради „приватни причини“ се врати во Германија. Нема да се појави ни на претстојните два квалификациски дуели за кои повик во стручниот штаб, на тоа место, добил тренерот на Пролет, Алексо Лембанов. Како долгорочно или само како времено решение останува да видиме.
Репрезентацијата секако е во транзиција. Отвори-затвори, промаја од сите страни.