Еден од најперспективните ракометари во Шведска, левиот бек Густав Давидсон во следната сезона ќе го има првиот интернационален предизвик и ќе заигра во Бундес лигата, пренесува шведскиот весник „aftonbladet“.
Швеѓанецот долго време беше на радарот на Рајн Некар и двете страни веќе се договориле на долгорочна соработка, а во следниот период клубот од Манхјам би требало да да го официјализира договорот со Давидсон.
Според споменатиот весник, за услугите на Давидсон биле заинтересирани многу европски клубови, но сепак, бундеслигашот ја добил битката за перспективниот ракометар.
23-годишниот Давидсон моментално го носи дресот на Хамарби, клуб кој се наоѓа на 4. позиција во најквалитетното натпреварување во Шведска.
Давидсон игра на позиција среден и лев бек и во екипата на Рајн Некар ќе биде замена за неговиот сонародник Лукас Нилсон, кој ќе се пресели во редовите на Алборг.
Новиот потенцијален член на Рајн Некар својата кариера ја започна во Ахус, потоа беше дел од Савехоф и во текот на 2019 година премина во екипата на Хамарби.