Машката кадетска репрезентација на Македонија ги доби ривалите во групната фаза на Светското првенство што ќе се игра во Хрватска.
Ривали на нашата репрезентација ќе бидат селекциите на Норвешка, Црна Гора и победникот од ИХФ трофејот во Костарика што ќе се одржи од 7 до 11 март, а таму ќе играат Грузија, Гвадалупе, Никарагва, Нигерија и Тахити.
Селекторот Раде Стојановиќ е задоволен од ждрепката и истакна дека секоја победа на неговите избраници ќе биде голем успех.
,,Ние сме среќни што македонската кадетска репрезентација учествува на ова Светско првенство после четири години. Се работи за група во која што имаме две европски селекции со искуство од претходното Европско кадетско првенство, селекцијата на Норвешка беше 8 место, додека Црна Гора заврши на 12. позиција. Ќе ги анализираме противниците дополнително и детално до првенството во август. Секоја победа за нас е успех”, изјави Стојановиќ за 24Ракомет.
Пласман во главната рунда ќе обезбедат првата и втората селекција во групата, а ќе вкрстат со двете најдобри од групата Е каде се Данска, Мексико, Чиле и Австрија.
Мундијалот ќе се игра во Вараждин, Копривница, Ријека и Опатија од 2 до 13 август.
Кадетите ги дознаа ривалите на СП – две европски селекции и еден аутсајдер