Полскиот вицепрвак Висла Плоцк е последниот патник во осминафиналето од Лигата на шампионите по триумфот над Порто од 28:26 во натпревар од последното коло од групната фаза во најквалитетното европско натпреварување.
Висла Плоцк мораше да победи на овој натпревар, бидејќи доколку изгубеше, тогаш пласман во осминафиналето ќе обезбедеше тимот на Загреб, кој пред дуелот меѓу Порто и Висла Плоцк, имаше осум бода, додека полскиот тим имаше бод помалку.
Тимот од Полска во текот на целото прво полувреме беше во водство, најчесто водеше со два до три гола разлика, а имаше и ,,плус четири” во 10 минута, 8:4. Избраниците на Хавиер Сабате на полувреме заминаа со предност од 15:13 и во вториот дел му дозволија на домаќинот да направи пресврт.
Митревски и колегите го презедоа водството во 35 минута и започнаа да имаат контрола на теренот. Порто започна сериозно да се одлепува, поведе со 21:18 во 45 минута, но трите гола предност не беа никаква гаранција за сигурна победа.
По водството на Порто од 23:21, гостите врзаа два гола во низа и дојдоа до израмнување, 23:23. Во последните десет минути се играше гол за гол, ниту еден од двата табора не можеше да направи исчекор, така што секој напад беше одлучувачки за денешниот исход.
Откако беше 26:26, на една минута пред финишот, репрезентативецот на Русија, Марк Косоротов реализираше за водство на Висла Плоцк од 27:26. Домаќините не успеаја да возвратат, додека гостинскиот тим со голот на Комаржевски ги поставија конечните 28:26.
Голманот Никола Митревски дуелот го заврши со пет интервенции. Најефикасен во победничката екипа беше хрватскиот репрезентативец Тин Лучин со девет погодоци, неговиот сонародник Ловро Михиќ пет пати се запиша во листата на стрелци. Кај Порто се истакнаа Јак Турин и Антонио Ареиа со шест погодоци.
Актуелниот шампион Барселона не дозволи изненадување на свој терен и славеше во неизвесен финиш против Келце со 32:21. Исходот од оваа средба немаше никакво значење, двете екипи уште од поодамна имаа обезбедено директен пласман во четвртфиналето.