Повратникот во хрватската репрезентација, левото крило Мануел Штрлек, кој моментално го носи дресот на унгарскиот гигант Веспрем, во следната сезона би можел да ги засили редовите на Нексе, пишува хрватскиот портал „Danas.hr“.
Во случај на реализација на овој трансфер, односно евентуалната преселба на Штрлек од Веспрем во тимот на Тамше, клубот од Нашице ќе добие големо засилување во борбата за титулата во хрватскиот шампионат, каде се уште е неприкосновен тимот на Загреб.
Искусниот ракометар не ги демантираше шпекулациите, но ниту ги потврди, истакнувајќи дека неговиот фокус се квалификациските дуели со Холандија.
,,Сè уште не можам да кажам ништо за тоа, мислам дека и не е време. Мислам дека во овој момент треба да бидеме фокусирани на двобојот со Холандија”, изјави Штрлек за „Danas.hr“.
Нексе на позицијата лево крило моментално ги има на располагање Алекса Бакиќ, Карло Годец и Марин Јелениќ. Постои опција Јелениќ да го напушти клубот, така што ќе се отвори шанса за Штрлек да биде прва опција во составот на Бранко Тамше, со оглед на тоа дека Бакиќ и Годец допрва треба да созреваат.
Штрлек на почетокот на својата кариера настапуваше во својата татковина, играше во Загреб, потоа во текот на 2012 година го имаше првиот интернационален предизвик, потпиша за Келце и дресот на полскиот клуб го носеше до сезона 2017/18.
Откако го напушти Келце замина за Унгарија, поточно во Веспрем каде што е меѓу најдобрите стрелци во унгарскиот вицепрвак.
Перковац со прв список – ги врати Мараш, Штрлек, Брозовиќ, Шего…