По европската елиминација, ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува натпревар од регионалната СЕХА лига против српската Војводина.
Тренерот на тимот од Нови Сад, Борис Ројевиќ, кој нема да биде на клупата во Битола фаворитската улога им ја препушта на битолчани.
„Со оглед на преполниот распоред кој го имаме, во Битола допатувавме со подмладен ростер. Мислам дека Еурофарм Пелистер има фаворитска улога, и покрај тоа што успеавме да ги изненадиме дома. Сега е тешко да се предвиди нешто, но ви гарантирам дека моите играчи ќе го дадат својот максимум во Македонија“, изјави Ројевиќ.
Играчот Лука Роган, кој веќе е сениорски репрезентативец на Србија, вели дека овој меч ќе биде шанса за младите да покажат што и колку знаат.
„Мечот во Битола ќе биде шанса за младите играчи да покажат за што се способни. Ќе играме со млад состав, но тоа не верувам дека ќе биде пречка да бркаме добар резултат. Распоредот е многу напорен во овој период, но не се сомневам дека сме подготвени за добар меч во Македонија“, вели Роган.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Војводина се игра вечерва во спортската сала „Боро Чурлевски“, со почеток од 18:00 часот.