Унгарскиот вицепрвак Веспрем соопшти дека е раскинат договорот со српскиот ракометар Петар Ненадиќ, па така секој ќе си продолжи по свој пат.
Ваквата одлука на раководството на Веспрем беше очигледна, откако во текот на вчерашниот ден клубот информираше дека против Ненадиќ е започната дисциплинска постапка.
Според пишувањата на српски „Журнал“, довчерашниот член на Веспрем имал несогласувања со неговиот сонародник и актуелен тренер Момир Илиќ.
Српскиот репрезентативец во Веспрем пристигна во текот на 2018 година од редовите на бундеслигашот Фуксе Берлин. Договорот со унгарскиот клуб го продолжи во 2021 година.
Ненадиќ во изминатите пет години освои една титула во унгарскиот шампионат, три трофеи во Купот на Унгарија, како и три титули во регионалната СЕХА лига.
Искусниот ракометар за Веспрем одигра 208 натпревари и постигна 803 погодоци.
Во следниот период треба да се знае новата дестинација за Ненадиќ. Според романските медиуми, тој се наоѓа пред трансфер во амбициозниот тим на Динамо Букурешт.