Новиот селектор на машката сениорска репрезентација на Хрватска, Горан Перковац го објави списокот на играчи на кои смета за двата натпревари против Холандија во рамки од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024.
На списокот, кој е надополнет со осум резервисти, се наоѓаат 20 играчи. Во однос на составот кој играше на Светското првенство во јануари годинава, на првиот список ги нема Дино Славиќ, Жељко Муса, Леон Шушња, Никола Граховац, Јаков Гојун, Лука Шебетиќ и Ловро Михиќ.
Повратници во хрватската репрезентација се екс ракометарот на Еурофарм Пелистер, Матео Мараш, потоа Мануел Штрлек, Марин Шего, Давид Мандиќ, Илија Брозовиќ, Верон Начиновиќ, Лука Степанчиќ и Лука Кларица, додека за првпат во дресот на ,,коцкестите” ќе дебитира десното крило Марио Шоштариќ, кој правото на настап за хрватската репрезентација го стекна на 25 јануари годинава, со оглед на тоа дека во неговата кариера имаше репрезентативни настапи за Словенија.
Хрватска дуелите против Холандија ќе ги одигра во текот на месец март. Избраниците на Перковац на Холандија ќе и гостуваат на 8 март. Реванш средбата ќе се одигра на 11 март во Осијек. Ракометарите на Хрватска освен со Холандија ќе треба да ги одиграат реванш дуелите против Грција и Белгија, репрезентации против кои запишаа победи во првите натпревари од квалификациите.