Ракометарот на ГОГ, Емил Андерсен по тешко боледување поради воспаление на дебелото црево, се врати во редовите на данскиот шампион.
Талентираното лево крило поради сериозната болест мораше да паузира повеќе од една година.
Андерсен за тој временски период е опериран 30 пати, ослабел околу 25 килограми, но никогаш не ја изгубил надежта за повторно враќање на терените.
Во текот на месец јануари тренираше со вториот тим на ГОГ и откако процесот на рехабилитација заврши успешно, раководството на клубот пред извесен период одлучи да го прекомандува во првиот тим.
ГОГ на позицијата лево крило на располагање го има репрезентативецот на Шведска, Џери Толбринг и перспективниот Јоаким Лунг.
Со камбекот на Андерсен, кој во претходните две сезони добиваше солидна минутажа, Николај Крикау ќе има уште една алтернатива за вториот дел од сезоната, во која ГОГ освен во данскиот шампионат настапува и во Лигата на шампионите.