Ракометарите на Кумановo во драматичен натпревар славеа на гостувањето кај Јуниор КВ со 21-20, откако имаа среќа во финишот и домашните не успеаја да реализраат напад што можеше да донесе реми. Иако избраниците на Игор Котевски имаа и плус четири во вториот дел, сепак на крајот мораа да стравуваат за победата, откако домашните се вратија во егал, па дури и водеа во финишот.
Гостите отворија со водство од 3-1, пред Печенковски да намали со убав погодок со ролинг на 3-2. Домашните имаа две прилики за да израмнат, но не погодија и кумановци казнија два пати по ред 5-2.
Беше и 8-4 за гостинските ракометари, имаше тајм-аут за Јуниор КВ, па тогаш избраниците на Печенковски намалија на 8-7. Одново беа во шанса за реми, но Кимевски запре пенал, а домашните промашија уште еднаш.
Колоски со двата гола по ред му донесе на Куманово 10-8, а Кастратовиќ во последните секунди погоди за 11-8 на пауза за тимот на Игор Котевски, кој во првиот дел од сезоната го водеше Јуниор КВ.
Куманово во вториот дел стигна и до плус четири, 15-11, имаше шанси да ја зголеми предноста, но дозволи мотивираниот домаќин да се закани и во 45 минута од натпреварот да стигне на минус еден, 17-16.
Беше 18-16 за гостите со голот на Кастратовиќ, но кумановскиот напа без Мрвовиќ не е толку убоит, па двете грешки ги казни Јуниор КВ и преку крилата Димевски и Крстескки стигна и до реми, 18-18 на десет минути до крајот.
Јуниор КВ водеше со 19-18 и 20-19, а искусниот Кимевски одбрани пенал на Фидановски кога имаше да се играат уште три минути. Беше 20-20, Котевски побара тајм-аут, а по него Кастратовиќ од пенал донесе водство.
По грешката на Јуниор КВ, кумановци тргнаа во последен напад, згрешија и на пет секунди до крај домаќините се ревашнираа со грешка и немаше време за нешто повеќе, па Куманово се израдува на трите бода.
Владан Кастратовиќ беше лидер во кумановскиот состав со десет гола, додека Стефан Крстески даде четири за Јуниор КВ.