Бундеслигашот Вецлар денеска го промовираше македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски, кој потпиша договор до крајот на сезона со можност да биде продолжен.
По Магдебург и Хановер, Вецлар каде што асистент тренер е Филип Миркуловски, ќе биде трет клуб за Кузмановски во кариерата во Германија.
„Сакавме да го засилиме нашиот ростер и затоа сум многу среќен што клубот направи се за да го договори Филип. Со него добиваме играч што може да игра и на левата и на средната бековска позицја. Има бундеслигашко искуство и станува збор за играч што може веднаш да ни помогне во борбата за опстанок“, изјави тренерот Хрвоје Хорват.
Македонскиот репрезентативец исто така не го криеше задоволството од ангажманот во новиот клуб.
„Бев воодушевен кога слушнав дека Вецлар се интересира за мене. Имаме тешка задача пред нас и желба за опстанок. Ќе направам се за да му помогнам на тимот за да победува на натпреварите и да го совладаме секој предизвик“, вели Кузмановски.
Кузмановски своето деби за новиот клуб ќе има претстојниот викенд кога Вецлар ќе се соочи со Фуксе Берлин.