Бундеслигашот Вецлар денеска официјално го промовираше македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски, кој потпиша договор до крајот на следната сезона, со можност соработката да биде продолжена за уште една сезона.
Тој не го одработи договорот со Хановер до крајот на летото и се реши за промена на средината поради малата минутажа од тренерот Прокоп.
Битолчанецот, кој по настапите за матичниот клуб и за Металург, замина во Магдебург, а во 2020 дојде во Хановер по барање на Антонио Карлос Ортега и потпиша тригодишен договор.
Во Вецлар во моментов настапуваат дузина балкански ракометари – Црногорците Чавор и Чепиќ, Србинот Николиќ, како и Словенецот Новак, па Кузмановски сигурно нема да има проблем околу адаптацијата.
На левата бековска позиција, Вецлар ги има само швајцарскиот репрезентативец Лени Рубин и Германецот Хенрик Вагнер, но со оглед на силниот ритам на натпревари во Бундес лигата, Кузмановски ќе добие шанса да ги покаже своите квалитети.
Вецлар во новата сезона има само четири победи на 18 одиграни натпревари и до јуни ќе бие тешка битка за опстанок во бундеслигашкото друштво.