Алборг и без Хансен покажа моќ, лесно го реши ПИК Сегед

Ракометарите на Алборг славеа на домашен терен против составот на ПИК Сегед со 33-27 во натпревар од 11 коло во Лигата на шампионите и го оставија гостинскиот тим на последното место кое води во осминафиналето. Иако за домашниот тим не настапи првата ѕвезда Микел Хансен, а Арон Палмарсон имаше шут 1/7, сепак тоа не беше пречка за избраниците на Стефан Мадсен да триумфираат над ПИК Сегед.

Унгарскиот првак одржуваше резултатска рамнотежа, дури и водеше со плус два преку Шоштариќ и Фримел по дваесетина минути игра 8-6, но попушти во финишот на првиот дел и дозволи домаќинот да направи значајна предност.

По 9-8 за ПИК Сегед, за десет минунти домашните постигнаа седум гола, а му дозволија на ривалот да погоди само два пати, па така Алборг на пауза замина со плус четири, 15-11.

Вториот дел беше формалност и домашните рутински ја одржуваа предноста. Пастор се обидуваше со честа ротација да го наруши домашниот ритам, но не успеваше. Погодуваа Бартолд и Бјорнсен, како и Хокснер, а Миклер беше немоќен сам против сите.

На крајот триумф на Алборг со 33-27. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Бартолд со осум гола, а по пет постигнаа Клар, Сандел и Бјорнсен. Кај ПИК Сегед се истакнаа Фримел со седум, како и Баниди и Радивојевиќ со по четири гола. Сега Алборг е петти со девет бода, а ПИК Сегед остана шести со осум освоени бода по 11 кола.