Репрезентативката на Македонија, Моника Јанеска, која речиси една деценија настапува во Турција, иако се наоѓа далеку од местата кои што беа погодени од силниот земјотрес во понеделникот, сепак, раскажува дека и во Коњалти постои голем страв кај населението, кое се плаши да влезе во своите станови поради евентуални нови потреси.
Јанеска заедно со двете екс ракометарки на Вардар, Ивана Гакидова и Алена Ихнева настапуваат за турскиот суперлигаш Коњалти.
Сите ракометарки од Коњалти, како и сите спортисти од сите спортски клубови во Турција изминатите два дена минуваат во пунктовите за помош и даваат сѐ од себе да помогнат.
Иако Коњалти е град, кој се наоѓа во Анталија, сепак, силниот земјотрес се почуствувал и во тој регион и предизвикал голема паника меѓу населението.
„Ова е страшно…Ние сме подалеку и во овој регион се почуствува многу малку, но сепак, доволно за да предизвика паника. Сѐ е тоа шок и сѐ уште ни е страв да спиеме за да не се случи нешто повторно. Ние помагаме колку што можеме, не само Коњалти, туку и секоја општина, секој град, секој клуб и секој човек во Турција, како и сите соседи. Ова е невидена катастрофа, која не може да се опише со зборови. Градовите се срушени до земја, нема останато здрави зграда, а се работи за милионски градови”, изјави Јанеска за 24Ракомет.
Неколку спортисти ги загубија животите во земјотресот, дел од нив кои се наоѓаат под урнатините чекаат помош. Јанеска истакнува дека во неколку градови помошта не може да пристигне поради екстремните зимски временски услови, кои ги отежнуваат спасувачките напори.
„Има премногу жртви и премногу луѓе кои се останати под урнатините, чекаат помош веќе трет ден. Помош не може да стигне уште до неколку градови поради лошото време, неколку патишта се непроодни, дел од нив струшени од земјотресот… Сѐ е отежнато, многу лоша слика. Сите очекуваме добри вести за еден ракометар од суперлигашот Хатајспор. Тој моментално со своето семејство се наоѓа под урнатините, останатите членови на клубот се извлечени. Има многу спористи на кои им е помогнато, а за жал некои не успеаја да се спасат. Ова е многу тажно, но и психички претешко. Треба да се издржи и очекувам дека нашата Македонија ќе покаже голема солидардност. Упатувам повик, сите кои сѐ во можност да донираат на било кој начин”, заврши Јанеска за 24Ракомет.
Турција и Северна Сирија во понеделникот ги погоди разорен земјотрес со јачина од 7,8 степени.
Неколку ракометари се водат за исчезнати во Турција, меѓу нив и репрезентативец!