ЈАВИ СЕ ЈУЖНА: Со „претседателот“ или без него, сите на трибини во март

Тие се познато семејство, новинарско, музичко и секако спортско. Ракометот им е во срцето, и ретко пропуштаат важни натпревари. Од ЕП 2012, СП 2015, ЕП 2020.... Огнен е познат текстописец, Соња е позната македонска новинарка, а нивниот син Филип тргнува по стапките на татко му. Тие лани ја напишаа и навивачката химна пред заминувањето на ЕП 2022. Но, кога тие гледаат ракомет тогаш секој има свој коментар, секој го доживува натпреварот со посебна емоција... Овојпат не беа во Краков, но од Скопје силно навиваа за нашите ракометари.. А како тие ги следеа натпреварите и што коментираат ќе читате низ нивната рубрика што се објавува на 24Ракомет...

Го гледаме последниот натпревар на нашите ракометари на светското првенство. Корејците се брзи, тоа е нивниот адут. Но, младиве се растрчаа, го покажаа талентот, се бореа во одбрана. Победивме.
Не го освоивме „претседателот“. И не знам дали тоа веќе беше битно за нас.

Знаевме дека имаме најтешка група. Но, оптимизмот пред почетокот на првенството се чувствуваше на сите страни. Тим во кој веруваме, спој на младост и искуство. Талевски, Митревски, Томовски, Кузмановски, Манасков, Пешевски, Георгиевски – со доволно искуство од големи натпреварувања. Според математиката требаше да ја победиме Аргентина и да влеземе во вториот круг.

„Веќе сите научија да играат ракомет!“ – повторуваме како папагали, а грутката никако да мине низ грлото.

Во оваа прилика ќе ги оставам другите да кажат во кој правец треба да се движи македонскиот ракомет. За мене размислувањата на Ѓоргоновски се најрелевантни. Толку.

Ова е колумна е за вистинските, верни навивачи, кои се разбираат од ракомет и кои точно знаат кога селекторот треба да побара тајм аут и кога судијата треба да додели некому две минути. А такви има многу.

Секој јануари, со години наназад, додека другите одеа на скијање или уживаа во разни СПА центри, верните навивачи на македонскиот ракомет имаа свој пат и своја агенда. Дури и нивните најблиски немаа разбирање за таа нивна пасија. Не можеа да сфатат како некој може цела година да собира пари, да се лишува од многу нешта и целата сума ставена на страна, да ја потроши навивајќи за ракометната репрезентација на Македонија? Се чудеа која е таа страст која што ги тера да поминуваат илјадници километри, за да го подигнат македонското знаме во Катар, Полска, Франција? Да седнат на трибините и до засипнатост да ги бодрат нашите ракометари. Дури и им префрлаа зошто ги трошат тешко заработените пари на глупости (читај ракомет), кога со тие пари би можеле да си уплатат нов автомобил или да го реновираат својот стан?

Да, рационално и прагматички гледано тоа е така.

Но, има едно големо но… Кој еднаш отпатувал во странство за да ја бодри македонската ракометна репрезентација, знае за што зборувам. Секако, за да се навлечеш толку на ракометот, потребно е претходно да имаш и домашно ракометно искуство. Мислам на натпреварите од Лигата на шампиони во Скопје. Како и на натпреварите на македонската ракометна репрезентација кои ги игра во „Борис Трајковски“. Без такво навивачко искуство, патувањата во странство се обична поза, шопинг авантура или помодарство – да бидеш виден и да споделиш фотки на ФБ. Ова не е колумна за таквите навивачи.

Се среќаваме насекаде. Во Гдањск, во Вараждин, во Гетеборг, во Катар, во Виена… Се поздравуваме, се прегрнуваме, си посакуваме среќа. А не се ни познаваме. Речиси никој не знае како се вика тој што е пред него или му знае само некој негов прекар. Тука не е битно кој си, што работиш, колку заработуваш или каков автомобил возиш. Тука е битна само една идеја. Навиваш за Македонија и посакуваш да оствари што подобар пласман и да победи што поголем број репрезентации. Тука нема политика. Сите сме едно.

А како изгледаат подготовките за нашите ракометни авантури? Уште во текот на летото, кога ќе заврши ждрепката за следното европско или светско првенство, вистинските навивачи прават анализа на местото на играње, земјата во која се игра и на нашата група. Веднаш се вртат телефоните на пријателите по ракомет и се избира најбрзата и најевтината маршута. Се резервираат авионски карти, се бараат пријатели кои имаат добри возила и кондиција да извозат (со едно роштиљ застанување во Белград) илјадници километри или се фаќа место во автобусот со македонските навивачи.

Со помош на своите букинг вештини наоѓаат хотели, хостели или станови и го резервираат својот престој. Билетите за натпреварите се посебна приказна. Има една група навивачи, блиски до Ракометната Федерација на Македонија, кои редовно и секаде добиваат бесплатни билети од Федерацијата. Другите навивачи, со помалку врски, мораат да си купат билети, кои се прилично скапи.

Сите горенаведени активности на ракометните фанови завршуваат на почетокот на есента и мирно се чека следниот настап на ракометните јунаци. Штом ќе пројде Нова година, се отвораат плакарите и се проверува навивачкиот арсенал. Знаме, дрес, капа, шал, вувузела, тапан. Ако си качил некој килограм од руската салата и кифличките за празниците, купуваш нов дрес. И тргнуваш во нов ракометен успех.

Полска ќе ни остане во лошо ракометно сеќавање.Но, одиме напред. Со претседателот или без него, не е важно, во март сите на трибини. Да ги подржиме ракометарите во борбата со Португалија за пласман на Европскот Првенство.

 

Соња Алескоска Неделковска