Многу веројатно е дека Хрвоје Хорват ја заврши својата мисија како селектор на Хрватска, откако од тамошниот сојуз излегоа со соопштение.
Беше изразено незадоволство од остварениот резултат, но и најавена анализа на настапот, од кој очекуваа најмалку четвртфинале, а завршија на деветтото место.
„По последниот меч на Хрватска на СП во Полска и Шведска и победата над Бахреин со 43-32, односно со освоеното деветто место, ХРС сака да ја информира јавноста дека не сме задоволни од остварениот резултат и го сметаме за неуспех. Минималната цел која беше поставена пред селекторот и репрезентацијата беше четвртфинале. Бидејќи не е остварена целта, за статусот на селекторот и иднината следат низа настани, а прво анализа од координаторот Лино Червар. Тој предложува или отповикува селектори, а после таа одлука, УО на ХРС ја одбива или усвојува“, се вели во соопштението на ХРС.
Хрватите во групната фаза загубија од Египет, славеа против Мароко и САД, додека во главната рунда ремизираа со Данска и славеа против Бахреин и Белгија.
Хорват имаше неуспешен обид да ја однесе Хрватска на ОИ пред две години, а немаше убедливи изданија ниту на ЕП 2022 во Унгарија и Словачка, па челниците на ХРС го загубија трпението со него и ќе бараат наследник на таа позиција.