Еден од ривалите на Македонија на Светското првенство, Норвешка победнички ги заврши подготовките пред настапот на Мундијалот, откако без проблем го совлада САД, со резултат 43:26 (27:12), на последниот натпревар на турнирот „Златна лига“, на кој организатори беа норвежаните.
Скандинавската селекција во подготовките ги совлада и репрезентациите на Бразил и Португалија, така што тимот на Јонас Виле покажа дека е целосно подготвен за настапот на Светското првенство.
Најефикасен во репрезентацијата на Норвешка беше Кристијан Бјорнсен со девет погодоци, додека Себастијан Бартолд и Томас Солстад постигнаа по осум гола.
Претходно, на споменатиот турнир, селекцијата на Португалија беше подобра од Бразил со 31:28 (16:12).
Репрезентацијата на Зеленортските Острови, која е предводена од екс тренерот на Вардар, Љубомир Обрадовиќ на последниот дуел пред настапот на Светското првенство загуби од селекцијата на Јапонија со 31:19 (16:9).
Избраниците на Обрадовиќ претходно тестираа и со репрезентациите на Швајцарија и Австрија. Зеленортските Острови ремизираа против Швајцарија, 29:29, додека против Австрија немаа многу опции за изненадување и беа поразени со 39:31.
Селекцијата од Африка на Мундијалот ќе настапи во група со Шведска, Бразил и Уругвај. Најдобрите три репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза од натпреварувањето.
Победа во денешните контролни натпревари оствари селекцијата на Германија која го совлада Исланд со 33:31 (19:14). На првиот дуел, кој беше одигран вчера, славеа „рибарите” со 31:30.
Кај Германија во одлично светло се покажа средниот бек на Рајн Некар, Јури Кнор. Младиот ракометар постигна 13 погодоци во мрежата на противникот. Кај Исланд најефикасни беа десното крило Бјорн Гудјонсон и десниот бек Виго Кристјансон, кои постигнаа по осум погодоци.
Швајцарија минимално ја совлада Австрија со 29-28, Словачка беше подобра од Чиле со 40-29, а Финска триумфираше над Естонија со 31-29.