Машката сениорската репрезентација на Црна Гора ги започна подготовките за Светското првенство, кое во јануари ќе се одржи во Полска и Шведска.
„Лавовите“ доаѓаат во Маврово, каде што на 27 и 28 декември треба да одиграат два меча против нашата репрезентација.
Нивен предводник ќе биде асистентот на Зоран Рогановиќ, Брано Божовиќ, бидејќи Рогановиќ има клупски обврски во Шведска. Поради повреда отпадна левиот бек Арсеније Драгашевиќ, а дополнителен е повикан голманот на Еурофарм Пелистер 2, Василије Печурица.
Во составот на Црна Гора кој ќе допатува во Македонија има 18 ракометари, меѓу кои тројца кои во моментов настапуваат во нашата Суперлига – голманите Јагош Брауновиќ од Тиквеш и Василије Печурица од Еурофарм Пелистер 2, како и десното крило на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ.
Има уште шестмина кои во минатото биле дел од македонските клубови. Тоа се голманот Никола Матовиќ (Струга), пивотите Вук Лазовиќ (Вардар) и Лука Вујовиќ (Работнички, Металург), како и бековите Ристо Вујачиќ (Вардар Јуниор, Пелистер), Стеван Вујовиќ (Вардар, Металург) и Божидар Симиќ (Вардар Јуниор, Радовиш).
Поради клупски обврски на тимот на 1 јануари ќе му се придружат Небојша Симиќ, Бранко Вујовиќ, Милош Вујовиќ, Радојица Чепиќ, Васко Шеваљевиќ, Марко Ласица, Немања Грбовиќ, Божо Анѓелиќ и Василије Калуѓеровиќ.
Избраниците на селекторот Зоран Рогановиќ ќе имаат и две проверки против Катар во Доха на 3 и 5 јануари, од каде што патуваат за Краков каде на 12 јануари играат против Шпанија на стартот на СП.