Ракометарите на Фленсбург го одиграа најдобриот натпревар во досегашниот тек од Бундеслигата, откако убедливо славеа против Кил со 36:23, во рамки од 17. коло во најквалитетната лига на светот.
Екипата на Фленсбург победата ја најави уште во првото полувреме, кое го доби со 17:12 и во вторите 30 минути многу лесно стигнуваше до погодок и постепено создаваше сериозна предност, која на крајот изнесуваше 13 гола разлика.
Предводници во победата против ,,зебрите” беа Емил Јакобсен и Јоханес Гола со по осум, односно седум погодоци, додека голманот Бенјамин Буриќ имаше 16 интервенции. Кај Кил најефикасен беше искусниот Никлас Екберг со пет погодоци.
Фленсбург на 19 октомври го совлада актуелниот лидер Фуксе Берлин, додека на 1 октомври славеше против шампионот Магдебург, па така поранешниот европски шампион сѐ уште има шанси за освојување на една од првите две позиции, кои што носат пласман во Лигата на шампионите.
За Кил денешниот пораз од Фленсбург беше трет во новата натпреварувачка сезона. Избраниците на Филип Јиха претходно беа поразени од Лемго и Фуксе Берлин. Фленсбург се наоѓа на 5. позиција на табелата со 24 бода, додека лидерот Фуксе Берлин на свое конто има 29 бода.