Стојановиќ објави список – 20 ракометари во конкуренција за настап на турнирот во Германија

Машката кадетска репрезентација на Македонија, која ќе игра на Светското првенство во 2023 година во Хрватска, ќе има силни проверки пред Нова Година.

Македонија ќе биде дел од силниот „Шпаркасе Куп“ во Германија, a покрај нашата селекција ќе играат уште пет европски селекции, Египет и тимот на Сарланд, кој е од регионот каде што ќе се одржи турнирот.

Пред настапот на турнирот, селекторот на кадетската репрезентација на Македонија, Раде Стојановиќ го објави списокот на играчи.

На списокот партиципираат 20 ракометари, а меѓу нив се наоѓаат и двајца интернационалци – голманот Давид Брестовац од германскиот Котбус и средниот бек Мирче Калајџиески, кој моментално настапува во словенечкиот шампионат во екипата на Шмартно.

Собирот на кадетската репрезентација е закажан за 21 декември.

Селекцијата на Македонија ќе игра во групата Б заедно со репрезентациите на Австрија, Холандија и Германија, а двете први места водат во полуфиналето на турнирот. Во групата А ќе бидат Сарланд, Египет, Исланд и Швајцарија.

Турнирот ќе се игра од 27 до 29 декември. Првите два дена се дуелите од групната фаза, додека на последниот ден ќе се играат натпревари за пласман.

Кадетите со пет проверки: Македонија на силен турнир во Германија!