Селекцијата на Данска славеше против Хрватска со 26-17 и ја продолжува трката за полуфиналето на Европското првенство. Скандинавскиот ривал уште од старт најави дека сака победа, па иако во вториот дел малку попушти со концетрацијата, сепак славеше убедливо.
Данска поведе со 2-0, иако Хрватките имаа и пенал, но не беше реализиран. Првиот гол избраничките на Шоштариќ го постигнаа дури во 7 минута. Пијевиќ одбрани и пенал, но нејзините колешки немаа решение за данската одбрана.
Скандинавките се одлепија во раната фаза од мечот на плус пет, 6-1, a Пијевиќ е виновникот што Данска немаше уште повисока предност. Шоштариќ се обиде со тајм-аут да ги смири неговите ракометарки, но немаше големи промени на теренот.
Данска водеше и со плус шест, 9-3, но потоа избраничките на Јенсен имаа мала криза и беа казнети со три гола во серија од Хрватска за 9-6. Беше и 12-8, но Транброг на два пати реализираше во финишот на полувремето за 14-8.
Хрватките на стартот на вториот дел влегоа со многу повеќе желба и мотив, па набрзина намалија на 14-10. Пијевиќ продолжи со добрите одбрани, па Посавец погоди за 14-11, но иако имаа уште три шанси да ја намалат уште повеќе негативата, не успеаја.
Данска за првпат погоди во вториот дел во 40. минута преку Иверсен за 15-11, но Хрватките се разиграа и стрелаа за минус два, 15-13. Тука како да застанаа девојките на Шоштариќ и до крајот не беа конкурентни на разиграниот ривал. Скандинавките рутински го довршија мечот, откако си ја вратија предноста од пет гола на своја страна.
Најдобри стрелци беа Кристина Јоргенсен кај Данска со пет гола, додека за Хрватска, Катарина Павловиќ даде шест погодоци, а одлична на голот беше Пијевиќ. Данска сега има шест бода по четири меча и ја продолжува трката за полуфинале.