Нацева: Со верба во себе и помош од трибини, ниту една цел не е недостижна!

Од денеска Македонија, Словенија и Црна Гора се домаќини на Европското првенство во женска конкуренција.

Амбасадорот на континенталниот собир, Гордана Нацева, порача дека со верба во своите можности и со помошта од трибини, ниту една цел не е недостижна.

„Благодарност до сите за трудот и за ангажманот за организација на едно вакво големо натпреварување. Сите сме свесни колку голема работа ни се случува. Порака до младите – најубаво место за излегување во наредните десет дена ќе биде СЦ „Борис Трајковски“, кој веќе блеска од убавина. Ова ќе биде дополнителен мотив и силен импулс за сите што сме вклучени во женскиот ракомет, за да се врати на старите патеки. За нешто повеќе од 24 часа нашата репрезентација ќе излезе на мегдан на Франција. Денеска чувствувам емоција како кога настапував во играчката кариера, можам само да замислам како се чувствуваат ракометарките. Знам колку работеа и свесни се дека ова е шанса на нивните кариери, а јас искрено верувам дека ниедна желба не е неостварлива. Ја повикувам целата македонска публика да дојде во сала, да даде поддршка за нашата репрезентација. Со верба во себе и со помош од трибините, ниедна цел не е неостварлива. Напред Македонија, со срце за Македонија“, изјави Гордана Нацева.

Првиот натпревар избраничките на Љубомир Савевски го играат утре во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 18:00 часот.