Ракометарите на Астраион во натпревар од 7. коло од Првата лига дојдоа до победа против екипата на Партизан Гевгелија со 30:27. За Астраион денешната победа беше трета во низа и тимот од Струмица има големи шанси да се бори за пласман во плеј-оф фазата.
Домаќините во текот на целиот натпревар беа подобри од ривалот од Гевгелија, иако и двете екипи не одиграа најдобро во двата правци, сепак, ракометарите на Димитар Паднев беа подоминантни и заслужено ги освоија зацртаните бодови.
Откако резултатот беше 2:2 во воведниот дел, домаќините се одлепија на 4:2 и одржуваа контрола на резултатот во останатиот дел од првото полувреме. Астраион во првите 30 минути во два наврати имаше и три гола предност (6:3, 11:8), а на пауза резултатот гласеше 11:9 во корист за домашната екипа.
Тимот предводен од Кајртазов беше многу блиску да направи пресврт во вториот дел, но не успеа да ги надиграа домаќините. Составот на Астраион продолжи со исто темпо во второто полувреме, водеше со два до три гола разлика и чекореше кон сигурна победа. Во последниот период гостите израмнија на 22:22 и тоа беше последениот отпор од нивна страна, бидејќи ракометарите на Астраион се консолидираа и не дозволија целосен пресврт.
Најефикасен во победничката екипа беше Васе Наков со девет погодоци, додека по пет реализации имаа Марко Стојанов и Бојан Беловинов. Во поразениот табор Димитар Минов и Горан Лисичков постигнаа по осум погодоци.