Ракометарките на Вардар во рамки од 7. коло од Женската лига одиграа рутински против Спартак триумфирајќи убедливо со 37:16. Екипата на Вардар останува единствената екипа која е без пораз во досегашниот тек од сезоната во групата А.
Избраничките на Царчев по нерешените 1:1 направија серија од 14:0, се одлепија на 15:1 и веќе во 15 минута од дуелот, кој беше одигран во салата при ОУ „Круме Кепески“ во Кисела Вода, ја запишаа седмата победа во годинешната сезона. Спартак во првите 20 минути имаше постигнато само два гола, додека „црвено-црните“ додадоа уште шест гола и на полувреме заминаа со убедлива предност од 21:7.
Гостинките единствено преку Ѓошевска и Крстевска го напаѓаа голот на Вардар, но тоа не беше доволно за да се избегне високиот пораз. Домашниот тим рутински ги одигра вторите 30 минути, во кои шанса имаа и останатите ракометарки од вардаровата клупа, кои ја оправдаа довербата и ја зголемија предноста за конечни „плус 21“ и победа од 37:16.
Најефикасни во победничката екипа беа Сара Миновска со седум и Бојана Диневска со пет гола. Во поразениот табор се истакнаа Јана Ѓошевска со пет и Елена Крстевска со четири реализации.
Вардар во следното, осмо коло на свој терен ќе го пречека Куманово, кој денес игра против Пелистер. Првиот натпревар во новата сезона меѓу Вардар и Куманово заврши со триумф на вардарки од 23:21.