Дебитантот во Првата лига, екипата на Мулти Есенс продолжува во победнички ритам во дебитанската сезона и на свој терен убедливо го совлада Младост Богданци со резултат 44:28.
Домаќините победата ја обезбедија уште во првите десетина минути кога се одлепија на 9:1 и во понатамошниот тек од дуелот имаа лесна задача против некомплетниот состав на Младост.
Ракометарите на Ангеловски го стартуваа натпреварот како што може да се покажа, имаа фуриозен старт со водство од 5:0, потоа во 10 минута дојдоа до 9:1 и во тој момент беше решен победникот на овој натпревар. Гостинот од Богданци за речиси 20 минута постигна само пет гола во мрежата на домаќинот и никако не можеше да ја преполови високата негатива.
Мулти Есенс до крајот на првото полувреме постепено ја зголемуваше предноста и речиси секоја грешка на противникот ја казнуваше со погодок. Големиот број на технички грешки кај гостите беше причина за високото водство на домаќините, кои на пауза заминаа со 13 гола разлика, 24:11.
Во вториот дел домаќините продолжија да го полнат гостинскиот гол. Шанса за настап добија сите ракометарки од клупата, но тоа воопшто не се одрази на високата предност. Мулти Есенс беше еднаков убедлив и во второто полувреме, постигна уште 20 голови и прослави убедлива победа од 16 гола разлика.
Најефикасен во победничката екипа беше Димитар Узунчев со осум погодоци. Во составот на Младост се истакна Ѓорѓе Атанасов, кој исто така постигна осум гола.