По двата порази во претходните две кола, екипата на Чаир им се врати на победите во Женската лига и во натпревар од 5. коло од групата А ја совлада Гевгелија, со резултат 36:28.
Чаир дуелот на кој ја оправда улогата на фаворит го стартуваше како што може да се посака, со цврста одбрана и добро организирани напади поведе со 7:3 и во понатамошниот период беше во резултатска предност од четири до пет гола разлика.
Откако Чаир беше во водство од 11:6, гостинките со серија од 3:0 намалија на 11:9 и до паузата не им дозволија на домаќинките повторно да заминат на висока предност. По големата борба во последните минути од првиот дел, резултатот на полувреме беше 15:13 во корист за домаќинот.
Гевгелија немаше сили за надигрување во вториот дел, бидејќи домаќинките ја зацврстија одбраната и беа подобри во нападите. Чаир во континуитет во второто полувреме беше во предност од пет гола разлика и во последниот период од натпреварот дојде до поубедливо водство, кое на крај изнесуваше осум гола разлика.
Одлична партија во дресот на Чаир одигра Стефанија Ѓеоргиевска, која постигна девет погодоци. Втор стрелец во победничката екипа беше Мариами Микхелидзе со седум гола. Во екипата на Гевгелија листата на стрелци беше предводена од искусната Мери Гичева со осум гола.