Екипата на Куманово во рамки од 5. коло од Женската лига дојде до убедлива победа против составот на Шампион со 36:24 (17:10), во натпревар од групата А. За Куманово вечерашниот натпревар беше последната генералка пред дуелите со Макаби во рамки од Европскиот Куп. Куманово на 10 и 11 октомври во Израел ќе ги одигра двата дуели против Макаби и ќе се обиде да обезбеди пласман во следната фаза од Европскиот Куп.
Ракометарките на Куманово уште во првите 30 минити ја оправдаа улогата на фаворит против гостинската екипа од Скопје и со комплетна доминација покажаа дека победата нема да биде доведена во прашање. Домашната екипа имаше одличен почеток и водство од 4:1 во воведниот дел и како што одминуваше времето ја зголемуваше разликата во своја корист.
Шампион најчесто преку Трајков и Кралева доаѓаше до погодок, но тоа не беше доволно, бидејќи останатите ракометарки од гостинската екипа тешко можеа да дојдат до реализација. Куманово рутински го одигра првото полувреме и успеа да постигне 17 гола во мрежата на гостинската екипа.
Избраничките на Чивлачки во второто полувреме ја искористија опуштеноста во домашниот табор и за момент намалија на 17:12. Сепак, Куманово не дозволи да има целосна опуштеност и со предводничката во тимот, средниот бек Алмеида Коста, која беше незадржлива на теренот, константно беше во предност од шест до седум гола разлика и во последниот период дојде до поубедлива предност за конечни 36:24.
Најефикасни во победничката екипа беа Алмеида Коста Андреза со 13 и Сузана Зечевиќ со седум гола. Во поразениот табор се истакнаa Сара Трајков со шест и Михаела Кралева со четири гола.