На Европското првенство во Унгарија и Словачка, кое се одржа на почетокот на оваа година, речиси сите репрезентации имаа проблеми бидејќи од ден на ден бројот на позитивни играчи на Ковид-19 се зголемуваше, па така неколку репрезентации настапија без најсилниот состав.
Една од најпогодените репрезентации на ЕП од коронавирусот беше селекцијата на Германија и дури 17 играчи од германскиот национален табор, некои пред, а некои за време на Европското првенство, беа позитивни на коронавирус.
Селекторот на машката сениорска репрезентација на Германија, Алфред Гисласон се надева дека коронавирусот нема да го попречи настапот на учесниците на Светското првенство во 2023 и дека Мундијалот ќе се одвива во мирна атмосфера.
„Се разбира дека се надевам дека коронавирусот постепено ќе исчезне и дека нема да доживееме нови непријатни изненадувања за да можеме да се концентрираме на ракометот и на настапот на Светското првенство”, изјави Гисласон за порталот „handball-world“.
Германија на Светското првенство во Шведска и Полска ќе игра во групата Е заедно со репрезентациите на Србија, Катар и Алжир.