Голем удар за Данска: Закариасен скина лигаменти, го пропушта СП!

Еден од поискусните ракометари во селекцијата на Данска, кружниот напаѓач Андерс Закариасен поради повреда ќе го пропушти Мундијалот во Шведска и Полска и најверојатно неговиот камбек на терените ќе биде дури во следната натпреварувачка сезона.

Членот на ГОГ против Висла Плоцк во натпревар од 3. коло од Лигата на шампионите заработи тешка повреда, во која страдале вкрстените лигаменти на коленото.

Според проценките на лекарскиот тим, кружниот напаѓач ќе паузира најмалку една година, а тоа значи дека ќе го пропушти Мундијалот во Шведска и Полска и останатите натпревари од Лигата на шампионите и данскиот шампионат.

Закариасен во годинешната сезона пристигна во редовите на ГОГ од Фленсбург, тим во кој мина шест сезони. Данецот пред една и пол година имаше слична повреда, но на другата нога.

Сега повторно ќе паузира и во понатамошниот тек од сезоната нема да биде во можност да им помогне на своите репрезентативни и клупски колеги.