Француски Нант и полесно од очекувањата го декласираше норвешки Елверум, на меч во кој беа постигнати вкупно 71 гола, а домаќините триумфираа со 41-30 (20-14).
Со оваа победа Нант се израмни по бројот на бодови со Кил, Алборг и Киелце кои имаат по четири бодови после третото коло од групната фаза н ЕХФ лигата на шампионите. Елверум останува на последното место на табелата без освоен бод.
Дури 18 минути траеше отпорот на норвешкиот тим кој од гостувањето во Франција се врати со празни раце. Во таа 18. минута Елверум последен пат израмни, 9-9 по што следуваше доминацијата на Нант. За седум минути домашните ракометари направија серија од 7-0 и поведоа со 16-9. Грондал го прекина лошиот период на неговиот тим со погодок со кој намалија на 16-10.
Највисокото водство во првото полувреме Нант го имаше во 26 минута кога преку Даматрин Бертран зголеми на 17-10. До крајот на првиот дел остана предноста од 5-6 гола, и на одмор се замина со резултат 20-14 за Нант.
А мечот почна со мала доминација на Елверум чии ракометари имаа и водство од 3-1 во 5. минута. Потоа Нант израмни и го презеде водството, а Елверум успеа да израмни во 18 минута.
И само што тргнаа ракометарите во последните 30 минути од мечот, Нант со два напади по ред ја подигна гол разликата на „плус 8“ за водство 22-14, што беше највисоко водство до тој момент на средбата. Кога домаќните зголемија на 25-17 во 35 минута веќе беше знак за гостинскиот тренер Борге Лунд дека треба да побара тајмаут и да се обиде да го смени текот на натпреварот. Разликата веќе беше и превисока.
Македа во 45 минута зголеми на 32-23, а во следниот напад Трибо ја „начна“ десетката и Нант водеше со 33-23. Тоа беше причина Елверум да го искористи и вториот тајмаут. Немаше веќе време за пресврт, но секако важно и и со колкава гол разлика ќе заврши средбата, па Норвежаните се обидуваа да се изборат за некоја помала гол разлика.
Но, тоа не донесе веднаш резултат бидејќи домашните зголемија на 34-23 преку Одризола. До крајот само се одржа разликата која остана во корист на фрнцускиот тим.
Кај домаќините Мине постигна 7 гола, а по шест дадоа Ковалкати и Одриозола. Кај Елверум Авад даде 8 гола.
Во следното коло Нант гостува во Словенија кај Целје, а Елверум е домаќин на Барселона.