ЕХФ денеска ги објави ранкинзите на федерациите за следната сезона, 2023/24, а Македонија ќе има четири претставници во европските купови. Како што беше најавено по состанокот на Извршниот Комитет на ЕХФ, ќе има посебен ранкинг за сите европски купови, а во калкулацијата се вклучени сезоните 2019/20, 2020/21 и 2021/22.
Покрај дирекното местото во Лигата на шампионите, Македонија доби уште две места во Лигата на Европа, а по три сезони и настапите на тогашниот Еурофарм Работник во Челинџ Купот, нашата земја ќе има и еден претставник во Европскиот Куп.
Во Лигата на Европа, Македонија е рангирана на 11 место (39,67 коефициент), а тоа значи дека губиме едно место во второто по ранг европско клупско натпреварување во споредба со трите места што ги имавме досега.
Во новиот систем на Лигата на Европа ќе играат 32 екипи, од кои 16 ќе добијат директно место, а другите 16 ќе дојдат од 32 екипи што ќе играат во единственото квалификациско коло. Еден македонски претставник сигурно ќе има место во групната фаза, додека еден ќе мора да игра квалификации.
Во Европскиот Куп, Македонија е на 37 место без бодови, но тоа е очекувано, со оглед на тоа што немавме претставници во ова натпреварување минатите три сезони. За следната 2023/24 сезона, Македонија ќе може да пријави еден претставник.